Дора Попова-Узуновски, психолог и психотерапевт
магистер по клиничка и советодавна психологија
Центар за применета психологија „Дора”
е-пошта: popova_dora@yahoo.com
тел: 075310781
Учебникот никој не го видел, никој не знае како е спроведена пилот-програмата, а уште помалку некој знае како е спроведена евалуацијата.
Пред неколку дена заврши евалуацијата на пилот-програмата за сеопфатното сексуално образование, која според јавно достапните информации беше спроведена во три основни училишта во градот Скопје во деветто одделение како изборен предмет. Предвидено е наскоро истата да биде дел од училишните предмети. За резултатите од евалуацијата на програмата се зборуваше зад затворени врати на тркалезна маса во удобната конференциска сала на луксузната Панорамика. Тамошните заклучоци се едногласни, сеопфатното сексуално образование е неопходно, наставниците се сложни со оваа неопходност и единствената пречка за спроведување се надворешните фактори од училиштата, односно ставовите на заедницата и родителите. Учебникот никој не го видел, никој не знае како е спроведена пилот-програмата, а уште помалку некој знае како е спроведена евалуацијата. Знаат единствено само спроведувачите, некои наставници и деветооделенците кои се согласиле да го слушаат изборниот предмет. Се поставува прашањето зошто претходно не е повикана ниедна јавна научна дебата, не е повикана ниедна спротивставена страна од психолози, социолози, антрополози, биолози и лекари(посебно гинеколози). Само се изготви еден нацрт учебник и се пушти како проба во дел од училишниот етер.
Во новиот учебник за сеопфатно сексуално образование, еден од побитните делови е дефинирањето на полот и на родот. Имено, полот и родот не мора да кореспондираат еден со друг и родот е само уште еден социјален идентитет изразен преку социјалната улога.
За да бидат појасни работите, пожелно е да објасниме што е социјален идентитет, а што е социјална улога.
Социјален идентитет претставува одредена социјална категорија со која личноста одбира да се идентификува. На пример да ја земеме категоријата наставник. Значи, некој кој е наставник, одбира да се идентификува со овој социјален идентитет. На тој начин тој себеси се става во категоријата на наставници. Некој кој не е наставник не се идентификува со категоријата наставник. Социјална улога од друга страна, претставува збир на однесувања низ кои се манифестира социјалниот идентитет, односно категоријата. Збирот на однесувања во случајов со наставникот се неговите дејствија што тој ги презема за да го оправда својот социјален идентитет. Застанува пред учениците и предава лекција, го отвора дневникот и пишува оценки, потоа го проверува знаењето на учениците. Предавањето на лекцијата, пишувањето на оценките и проверката на знаењето се соодветните дејствија кои ја дефинираат улогата. Значи, социјалниот идентитет е категорија, а улогата е поврзана со перформансот.
Е сега да ги ставиме работите во контекст на моменталната ситуација. Според новата концепција за род и пол, родот е само обичен социјален идентитет кој личноста може да го одбере и соодветно на тоа да преземе дејствија кои ќе ја дефинираат улогата. Тоа значи дека може да одбере дали ќе биде маж, жена, небинарен, флуиден итн. Соодветно на тоа презема активности кои ќе го обележат неговиот идентитет. И тука доаѓаме до првиот проблем. Како ќе дефинираме што е маж, а што е жена? Се разбира, првата разлика е половата разлика. Мажот има пенис, жената има вагина, мажот нема гради, жената има гради, кожата на мажот е позатегната и покрута, кожата на жената е мека и поеластична и се разбира, жената може да износи и да роди бебе, мажот тоа не го може, тој само учествува во правењето бебето во матката на жената. Значи првата разлика е биолошката разлика која е најочигледна и најманифестна. Парадоксално е тоа што новата концепција ја нагласува појавноста која се манифестира низ дејствата на улогата, а ја негира биолошката појавност на полот. Точно е дека сите жени и сите мажи се различни. Нема двајца исти мажи, како што нема две исти жени и тоа сите ние го манифестираме низ перформансот на улогите. Но тоа повторно не го менува фактот за постоењето на полот. Јас можам да одлучам низ моето појавно однесување на пример да се облечам во машко одело или во женско здолниште, соодветно на тоа како се чувствувам и тоа е сосема во ред, но тоа повторно не го менува фактот за постоењето на мојот женски пол. Чувствата се релативни и минливи, но полот е постојан. Исто така една жена може да одбере дали ќе роди деца или не, може да одбере дали ќе ја игра традиционалната улога на домаќинка или не, мажот може да одбере дали ќе чува деца или ќе биде на работа и тоа е се во ред, но повторно одбирањето на социјалниот перформанс не го менува фактот за постоењето на биолошкиот пол.
Сепак, новата концепција предлага дека полот и родот не мора да кореспондираат. Со полот се раѓаме, а родовиот идентитет го бираме, односно ја бираме категоријата во која ќе припаѓаме и според тоа начинот на кој ќе ја перформираме. Исто така со текот на времето можеме да се предомислиме и да се декларираме во некој друг род со некои други перформанси. Ваквата шега ќе се толерираше до некаде, ако во концепцијата не постоеше опцијата за промена на полот. Овде доаѓаме до вториот проблем. Ако родовиот идентитет и полот не мора да кореспондираат и родот може да варира, од каде тогаш потребата некој воопшто да менува пол? На тој начин сепак создаваме ситуација(иако вештачка) во која родот и полот кореспондираат. Зошто би ја создавале таквата кореспонденција кога и онака според дефиницијата не мораат да кореспондираат? “Експертите“ за концепцијата на ова прашање би одговориле: Па да, МОЖЕ, но не МОРА да кореспондираат, затоа личноста одбира. Но ајде сега од другата страна да ги погледнеме работите. Што ако некој го промени полот според тоа како МОМЕНТАЛНО се чувствувал во однос на родовиот идентитет, но што ако после одредено време се предомисли и рече дека повеќе така не се чувствува и дека сега родово се чувствува како што бил неговиот првобитен пол? Факт е дека концепцијата ја дозволува ФЛУИДНОСТА на родовиот идентитет. Според тоа, дали повторно тој човек би требало да транзитира назад? И која е цената што една личност ја плаќа за своето тело за транзитирањето и де-транзитирањето?
Третиот проблем во концепцијата е фактот дека едно дете во раната адолесценција неминовно поминува низ криза на идентитет. Како ќе се спречат забуните во неговата глава во однос на тоа низ каква криза поминува? Овде неминовно постои опасност од лесна поводливот и индоктринација.
Четвртиот проблем е откако луѓето ќе се поделат на транс-џендери и цис-џендери, ќе се случи еден вид на поларизација во заедницата. Тогаш вреди да се запрашаме како некој одлучува дека е цис, а како некој одлучува дека е транс? Кои се разликите во психолошките процеси меѓу овие два типа на луѓе? Зошто некој некој нема проблем со постојаноста и кореспонденцијата на својот родов и полов идентитет, а зошто кај некој друг е флуиден и некореспондентен? Што се случува во јадрото на личноста? Во клиничката пракса, често се запрашуваме и ја истражуваме причината за одредена променливост или неконзистентност. На пример се запрашуваме и истражуваме зошто некој има постојана потреба од промена на сексуални партнери, понатаму се запрашуваме и истражуваме ако гледаме дека некој постојано ги менува работните места. Со сигурност знаеме дека личностите кои преферираат постојани партнери имаат повисока диспозиција за формирање на длабока и стабилна врска, наспроти оние кои често менуваат сексуални партнери. Зошто овде не би се запрашале за причините на променливоста на родовиот идентитет, како и за стабилноста на истиот?
Покрај сите овие неодговорени прашања, како и многу други, сепак се воведе концепцијата за сеопфатно сексуално образование. Се воведе како нешто што е факт, како да е нешто што е востановено научно, како да е нешто неприкосновено и неопходно. Понеопходно од тоалетната хартија за бришење задник и сапунот за миење раце што ги нема во тоалетите на училиштата.
Сеопфатното сексуално образование и проблемот на родовиот идентитет
Дора Попова-Узуновски, психолог и психотерапевт магистер по клиничка и советодавна...
Read MoreКога родителот се задушува од родителство
Дора Попова-Узуновски, психолог и психотерапевт магистер по клиничка и советодавна...
Read MoreДа ги учиме децата на благодарност
Доколку родителите ги учат децата на благодарност, всушност, ги учат...
Read More