Дора Попова-Узуновски, психолог и психотерапевт
магистер по клиничка и советодавна психологија
Центар за применета психологија „Дора”
е-пошта: popova_dora@yahoo.com
тел: 075310781
Сè уште е табу кога родителите, а особено мајките чувствуваат потреба да се стават себеси на прво место во одредени моменти
Сите знаеме дека не постои училиште во кое може да се научи улогата на родител, но штом еднаш некој стане родител, родителствувањето трае цел живот без престан. Тоа значи дека цел живот без престан имаме за учење. Меѓутоа, за човек да си ја олесни таа работа, добро е да знае дека може да стане свесен родител, за што предуслов е прво да биде влезен во улогата на возрасен со цел да биде независен, самостоен и ослободен од мислењата и осудите на другите околу него во однос на своето родителство, бидејќи понудени совети што се (не)потребни и (не)корисни има многу.
Ако пред вас на масата има коцка чоколадо што ја сакате и вие и вашето дете истовремено, сосема е во ред да ја поделите наместо да му ја дадете цела.
Затоа, кога некој станува родител, важно е да ги има изградено потребната самодоверба и чувството на себевредност кои доаѓаат од зрелоста наместо да се води од некои зачаурени принципи и правила што ги воспримил уште кога бил дете во текот на своето воспитување – дека некои работи во животот ТАКА ТРЕБА ДА БИДАТ, без да научи самостојно да размислува и да носи свои одлуки. Таквите принципи што се однесуваат на стилот на родителството за ТОА КАКВО ТРЕБА ДА БИДЕ РОДИТЕЛСТВОТО не значи дека се секогаш исправни, иако се научени од нашите родители, баби и дедовци, роднини и пријатели.
Правилото важи дека во голема мера ќе ги воспитуваме нашите деца како што нѐ воспитувале нашите родители, освен ако не пораснеме, не се одврземе ментално од нив и не изградиме свој, свесен стил на воспитување.
Честопати како една затскриена порака во тие стари правила на родителството стои дека детето е секогаш на прво место. Сè уште е табу кога родителите, а особено мајките чувствуваат потреба да се стават себеси на прво место во одредени моменти. Во мојата практика секојдневно се среќавам со примери во кои родителот максимално се запоставува себеси и ги проголтува сите свои други улоги на личноста за сметка на родителството, особено кога станува збор за мајките. Жената која се чувствувала како жена пред да стане мајка повеќе не се чувствува привлечно, не одвојува време за да се негува, не вложува во својот интелектуален развој, нема време за своите пријатели, ниту пак прави нешто за да се почувствува добро. Сега целиот нејзин живот се врти околу улогата на мајка и околу детето. Сум видела ситуација во која родителот никогаш не готви за себе, но готви за детето, родител кој крати од своите базични потреби за да му купи скап телефон или брендирана облека на своето дете со цел да не се двои од другите деца итн.
Едноставно, родителот доаѓа до моментот: НИШТО ДРУГО НЕ МИ Е БИТНО ОСВЕН ДЕТЕТО. И кога ќе почне да одѕвонува таа реченица во главата, време е да заѕвони и алармот, бидејќи најчесто зад ваквиот став на родителот, особено кај мајките, се крие чувство на вина.
Ако ви е потребно време за себе, објаснете дека не го напуштате, туку дека ќе се вратите назад и дека за тоа време добива можност да види што може да примени самостојно од тоа што сте го учеле заедно.
Ако стане нешто друго битно во даден момент, се јавува грижа на совест дека родителот не е доволно добар во својата улога или едноставно е себичен, а себичен родител не може да биде добар. Познавам родители кои пропуштиле извонредни можности за развој во полето на кариерата само за да не се оддалечат ни за миг од своите деца, поаѓајќи од идејата да не им затребаат или да не им недостига нешто во некој момент, а притоа истите овие родители секојдневно се жалат за тоа како им недостигаат повеќе финансиски средства за удобен живот и како не можат да ги задоволат потребите на своите деца, па мора да кратат од своите.
Дали го следите парадоксот? Сите овие и слични верувања се пример за тоа кога не родителството, туку изградениот ментален КОНЦЕПТ за родителство станува пречка во личниот раст и развој на личноста, поради што доаѓа до задушување на личноста и нејзините граници и потенцијали. Таквиот концепт за родителство не влијае позитивно ниту врз родителот како личност ниту врз развојот на неговото дете.
Ќе објаснам зошто.
Вистината е дека на детето нема да му помогнете ако кратите од вашите лични потреби за сметка на неговите, притоа не информирајќи го за реалноста. На тој начин само му одмагате и креирате ситуација во која детето верува во бајка, а вие ја чувствувате нервозата од фрустрациите што доаѓаат од сето тоа, па подоцна ќе му „изнесете низ нос“ сè што сте направиле за него во првиот момент кога тоа ќе изрази незадоволство од некоја ваша постапка. Така се влегува во еден круг на садо-мазохистичен однос меѓу родителот и детето. Детето научува да „виси“ за родителот и во неговиот развој нема да создаде чувство на самостојност и чувство за границите и потребите на другите луѓе околу него. Ќе научи дека потребите на никој друг не се важни, освен неговите, но бидејќи ќе научи дека остварувањето на потребите му зависи од другите луѓе, ќе му биде тешко да возврати знак на незадоволство кон оние што му исполниле што било во животот, поради тоа што ќе стекне доживување дека постои можност другите да го отфрлат и повеќе да не ги задоволат неговите потреби, а така се создава пасивно зависна личност.
На детето единствено ќе му помогнете ако ја покажете вистината за вас и вашите потреби и разговарате отворено со него, како за неговите така и за вашите потреби. На пример, ако пред вас на масата има коцка чоколадо што ја сакате и вие и вашето дете истовремено, сосема е во ред да ја поделите наместо да му ја дадете цела. На тој начин му покажувате дека споделувањето е грижа за себе и за другите. Ако ви е потребно време за себе (средба со пријателите, патување), објаснете дека не го напуштате, туку дека ќе се вратите назад и дека за тоа време добива можност да види што може да примени самостојно од тоа што сте го учеле заедно. Не заборавајте да зготвите за него, но и за себе. Немате потреба да купувате скапи играчки, додека вие одите со излитена облека. Распределете го буџетот за себе и за него и купете му го тоа што реално можете да го дозволите. Но, пред сè, раскрстете со чувствата на вина и осудите од средината дека ако се ставите себеси на еднакво ниво со вашето дете, вие сте лош родител. Не сте лош родител. Вие сте возрасен родител кој во иднина ќе создаде возрасна, независна личност преку сопствен пример.